ЗА ПРАВОПИСОТ

„Јазикот е наша татковина“, ќе рече основоположникот и кодификатор на современиот македонски јазик Блаже Конески оставајќи ни трајна порака за негово зачувување, негување и унапредување како еден од столбовите на нашиот идентитет.

Јазикот е жива материја, во која се рефлектира секоја нова појава од севкупното човеково живеење, а правописот на секој јазик е збир на правила за писмено претставување на самиот јазик.

„Првото поголемо осовременување на македонскиот правопис, практично, е направено со Правописот од 1969 година по кој следуваше подновениот од 1998 година, составен од истите автори без Тошев, кој почина во 1976 година,“ стои во предговорот на последното издание на Правописот на македонскиот јазик.

Последните изданија на Правописот на македонскиот литературен јазик беа објавени во декември 2015 година и март 2017 година, со што се осовремени неговата последна верзија направена речиси две децении претходно, почитувајќи ги претходните изданија на неговите први составувачи, Блаже Конески и Крум Тошев  во 1945 година, како и подоцнежните кои следуваа: Божидар Видоески, Тодор Димитровски, Кирил Конески, Крум Тошев и Радмила Угринова-Скаловска.

Во издавањето на последното издание на Правописот учествуваа Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и издавачката куќа “Култура“.

Второто издание претставува колективен труд, во чија работа учествуваа вкупно 48 автори, специјалисти во своите области водени од редакцијата во состав: д-р Живко Цветковски (претседател), д-р Снежана Веновска-Антевска, д-р Симона Груевска-Маџоска, д-р Елка Јачева-Улчар и д-р Симон Саздов.

Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ е издавач на бесплатната електронска верзија на македонскиот Правопис која може да се најде на адресата www.pravopis.mk.

Електронската верзија на Правописот на македонски јазик, која ќе биде достапна за секој граѓанин на Република Македонија е резултат на иницијатива на Владата на Република Македонија, Министерството за култура, издавачката куќа „Култура“, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и Редакцијата на второто проширено издание на Правописот.

На оваа веб-страница, граѓаните на Република Македонија ќе можат бесплатно да ги најдат правописните правила, односно правописот на самогласките и согласките, употребата на голема буква, слеано и разделено пишување на зборовите, делење на зборови, интерпункциски знаци и правописни знаци, како и скратеници и транскрипции.

Веб-страницата е во сопственост на издавачот на електронското издание на Правописот на македонски јазик, Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.

Бесплатната електронска верзија на Правописот на македонски јазик е достапна исклучиво за некомерцијални потреби. Копирање, размножување и продавање е строго забрането.